Во Република Српска е уапсено едно лице кај кое е пронајдена оригиналната верзија од Дејтонскиот мировен договор на англиски јазик.
Припадниците на Управата на Министерството за внатрешни работи на РС за организиран и тежок криминал на Пале уапсија едно лице, откако во неговиот стан ја пронајдоа копијата од Договорот, кој беше мистериозно исчезнат повеќе од 20 години.
Регионалната телевизија Н1 јави дека е уапсен Жељко Кунтош, некогашен припадник на обезбедувањето и близок соработник на Драган Калиниќ, поранешниот претседател на Народното собрание на Република Српска. Калиниќ, кој беше и лидер на Српската демократска партија, денес е советник на претседателот на РС, Милорад Додик.
Што се однесува на документот, станува збор за примерок кој го потпишаа тогашниот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман, претседателот на Претседателството на БиХ Алија Изетбеговиќ и претседателот на СР Југославија Слободан Милошевиќ.
По церемонијата на потпишување во 1995 година, извршена во присуство на челниците на највлијателните западни земји, на претставниците на Хрватска, БиХ и СРЈ им е врачен по еден оригинален примерок од Дејтонскиот договор на англиски јазик.
Во 2008 година се откри дека примерокот на БиХ веќе одреден период е исчезнат без никаква трага, на што предупреди тогашниот член на државното претседателство Жењко Комшиќ. Нешто подоцна, и од Белград беше соопштено дека и нивниот примерок исчезнал, со претпоставка дека тоа се случило за време на бунтот против Милошевиќ во 2000 година.
Хрватска е единствената држава, која својот примерок го ставила на безбедно место и го чува и денес.