Собранието на Црна Гора денеска по втор пат ги усвои измените на Законот за претседател.
„За“ усвојување на правниот акт гласаа 41 пратеник. „Против“ беа пратениците од БС и независниот пратеник Генци Ниманбегу, а на гласањето не присуствуваа пратениците од ДПС, СДП и СД.
Измените на Законот за претседател првпат беа усвоени од парламентарното мнозинство на почетокот на ноември, но претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на 7 ноември го врати законот во Парламентот на повторена одлука, со образложение дека таквиот чин би предизвикал забуна во уставните надлежности на најважните државни органи, би го уништил принципот на поделба на власта и би го урнал државно-правниот систем.
Шефот на пратеничката група на ДФ, Славен Радуновиќ, предложи поради итност законот да биде објавен во Службен весник најдоцна ден по истекот на рокот до кога претседателот е должен да го потпише законот.
Уставот предвидува дека претседателот Ѓукановиќ е должен да го парафира законот доколку тој биде вторпат усвоен во Парламентот.
Во меѓувреме, пред зградата на Парламентот се одржуваат протести, а учесниците ја пробија заштитната ограда, по што полицијата употреби солзавец.
Како што јави националната агенција „МИНА“, демонстрантите фрлале камења кон полицијата и ја урнале заштитната ограда, на што полицијата возвратила со солзавец.
Искршено е и стаклото на влезната врата од зградата на Собранието, во која во моментот нема струја.
Извор: МИА