Властите на општина Љубиње планираат да организираат референдум за припојување на оваа општина кон Црна Гора. Доколку оваа идеја биде спроведена во дело, тоа ќе биде прв случај на одделување на една општина од една во друга држава.
Љубиње се наоѓа во источна Херцеговина во пограничен појас со Црна Гора, а дека за идејата сериозно се размислува потврди началникот на општината Веско Будинчиќ за „Гласот на Српска“.
„Со години чекавме во надеж дека ќе дојдат подобри времиња. Меѓутоа, на Љубиње сите заборавија. Од како сум началник на општината, никој од властите на повисоко ниво не не’ посети, а камоли да ни понуди помош“, вели Будинчиќ.
Тој појаснува, дека токму поради таквиот однос се родила идејата да се распише референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали сакаат да продолжат да живеат во истата држава или да се припои кон Црна Гора.