Претседателот на црногорскиот Парламент Ранко Кривокапиќ го одложи за утре гласањето за доверба на Владата на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ.
Гласањето е одложено по денешната седумчасовна расправа. Сите пријавени пратеници не успеаа да имаат обраќање. Дебетата ќе продолжи утре.
За да добие доверба, Владата на Ѓукановиќ треба да биде поддржана од мнозинство од вкупниот број пратеници во Парламнетот, односно од 41 пратеник.
Владејачкото мнозинство има 44 пратеници, при што петмина од нив се од Социјалдемократската партија (СДП), помалиот партнер во владејачката коалиција. Лидерот на СДП Ранко Кривокапиќ во петокот најави дека неговата партија нема да го поддржи Кабинетот на Ѓукановиќ.
Премиерот Мило Ѓукановиќ побара гласање за доверба на неговата Влада на 29 декември минатата година. Во барањето за гласање доверба е посочено дека во поголемиот дел од мандатот на Владата, формирана во 2012 година, парламентарното мнозинство не му давало категорична политичка поддршка на коалицискиот кабинет, составен од неговата Демократската партија на социјалистите (ДПС) и Социјалдемократската партија.
Доколку Владата не добие доверба од мнозинството пратеници, ќе бидат распишани предвремени избори, на кои според последните истражувања ДПС на Ѓукановиќ може да освои 45 отсто од гласовите.