Лидерот на курдските бунтовници, кој отслужува доживотна казна затвор на островот Имрали, изјави дека мировните преговори со Турција бележат напредок и нагласи оти планира да објави историска вест, на 21 март, кога се слави курдската Нова година (Невруз).
Во пораката, која ја пренесоа пратеници од прокурдската Партија за мир и демократија, кои денеска го посетија Оџалан, лидерот на Курдската работничка партија (ПКК) нагласува и дека турскиот Парламент треба да ги усвои реформите за поддршка на мировните напори.
Се очекува на 21 март Оџалан да ги повика курдските бунтовници да прогласат прекин на огнот и да почнат да се повлекуваат од Турција. Според медиумите во замена за тоа Турција ќе ги усвои реформите, кои ќе ја подобри состојбата на правата на Курдите и кои ќе ги зголемат овластувањата на локалните власти.
Се очекува турските власти да извршат законски измени, со кои ќе се овмозможи ослободување на стотици курдски активисти кои се затворени поради сомнение дека се поврзани со ПКК.