Нападите против Нова демократија продолжуваат, коментираат од грчката владејачка партија, откако синоќа цел на напад беше канцеларијата на пратеникот и поранешен министер Харис Теохарис, додека пак вчера пред зградата во која има стан европратеничката од Нова демократија Елиза Возеберг беше поставен импровизиран експлозивен механизам,
Во период од една седмица имаше вкупно четири случаи на вандализам на канцеларии на пратеници на Нова демократија, а последниот беше синоќа кога непознати лица фрлиле боја, предизвикале материјална штета и испишале слогани за железничката несреќа кај Темпи.
Од Нова демократија го осудија нападот, повикаа и останатите партии да го сторат истото, порачаа дека нема да се исплашат, но и дека демократијата не се тероризира.
Вчера во раните утрински часови беше поставен импровизиран експлозивен механзам пред влез на зграда во јужно предградие на Атина, каде што подоцна се дозна дека стан има европратеничката од Нова демократија Возеберг, а денеска анархистичката група „Јадра за директно дејствување“ ја презеде одговорноста за поставувањето и експлозијата од која имаше мала материјална штета.
Во понеделникот непознати лица фрлиле боја врз канцеларијата на пратеничката Севи Вулудаки на Крит, а во петокот цел на напад беше канцеларијата на Макисмос Сенетакис при што беше предизвикана материјална штета.