Недвижностите во планините: Сите продаваат, никој не купува

Од:

Огласите за продажба на недвижности на босанските планини, кои пред неколку години доживеаја вистински бум, сега ги има се повеќе, но купувачи нема никаде.

Во Словенија пред неколку дена е објавен оглас за продажба на 7.205 квадратни метри земјиште по цена од 30 евра по квадрат. Тоа би било повод со колегите од словенечкиот деловен весник „Финансе“ да истражиме под кои услови странците во БиХ можат да купуваат недвижности.

Словенците не можат под никакви услови.

Се може да се среди

Причина за неможноста на купување на недвижности за физички лица, како што ни објасни нотарката Весна Софтиќ од Сараево, е тоа што не е потпишан билатерален договор меѓу БиХ и Словенија, а ист случај е и со Хрватска. Федерацијата БиХ веќе неколку месеци има нов Закон за правата, со кој под услов на реципроцитет, странците можат да купат недвижност во ФБиХ.

Таков закон во Република Српска е на сила веќе четири години, така што странци можат да купат и да поседуваат недвижност ако доаѓаат од земја која го овозможува истото за Босанците. Но, како што вели Мирза Хаџијахиќ од агенцијата за недвижности „Рентал“, секогаш има начини работите да се средат.

Најлесен начин странец да купи недвижен имот како во БиХ така и во Словенија и Хрватска, е основање на фирма и недвижниот имот да го купи фирмата. Иако странците недвижнина не можат да поседуваат на свое име, сепак можат да ја купат.

– Освен купувањето преку фирма во БиХ, може да се направи купопродажен договор кај нотар, но се прави забелешка дека купец е странец и дека недвижнината останува запишана на име на продавачот. Тука настанува проблем кај продажбата и наследувањето на имотот, процедурата за докажување на сопственоста е покомплицирана, вели Хаџијахиќ.

Но, секогаш има исклучоци. Адвокатот Мирхад Ѓурѓевиќ ни раскажа за случај на поренешен висок претставник во БиХ Педи Ешдаун.

– Пред 10 години на сила беше закон од поранешна Југославија. Странци не можеа да бидат сопственици на недвижности и единствен исклучок по одобрување од Тито, беше некаков британски воен чиновник. Јас ја водев постапката за купување на недвижностите за Ешдаун и тој е прв странец кој во БиХ стана сопственик на недвижност. Од Министерството за надворешни работи на БиХ побарав исклучок бидејќи тој работеше тука, живееше тука и имаше основа да биде сопственик, рече Ѓурѓевиќ.

Слично е во Хрватска – физичко лице не може да купи недвижност освен ако претходно не основа компанија, но хрватското Министерство за правда веќе подготви предлог закон за сопственост и други права. Потоа очекува зголемени странски инвестиции, т.е. купување на недвижности. Словенија нешто слично не планира, велат од словенечкото Министерство за правда.

Планините пропаѓаат

Своевремено и поранешниот скијач Бојан Крижај се интересираше да купи недвижност на босанските планини, но се откажа поради комплицираната процедура. Иако на ски патеките развиваат друг вид на туризам, на пример конгресен, спортски, младински и авантуристички, вкупниот туристички промет на скијалиштата очигледно не претставува доволно голем потенцијал кој би заинтересирал одредени купувачи.

Во последно време интересот за купување на недвижности на босанските планини значително е намален, вели Хаџијахиќ. – На Бјелашница веќе неколку години никој ништо не купил, Влашиќ пропаѓа и луѓето кои имаат недвижности на оваа планина се обидуваат да ги продадат, но нема купувачи. На Јахорина цените се превисоки, достигнуваат и до 2.000 евра за квадрат изграден објект, вели соговорникот.

Земјиште продава и Олимпискиот центар Јахорина. – Потенцираме дека врз основ на првиот оглас кој беше објавен во март, немаше пријавени кандидати, но продажбата е актуелна додека истата не се оствари, вели Драган Соколовиќ, директор на маркетинг и продажба.

– На Јахорина во БиХ потребни се силни рецептивни туристички агенции кои ќе бидат носители на доведување на гости од странските пазари, како и значаен буџет за промоција на туризмот во БиХ и други дестинации. Моментно ни на едно институционално ниво не постои буџет за промоција на Јахорина како дестинација, туку истата се прави стихијно и ад хок, во согласност со можностите и моментот, вели Соколовиќ.

– Јахорина пред неколку години беше вистински бум, но побарувачката многу се намали. Лани можеби малку се подобри, пред се поради пристапните цени, но преовладува само зима за сезоната за скијање, инаку помалку е заборавена, вели Полона Локар од туристичката агенција „Марко Поло“, а Соколовиќ додава: На Јахорина и се потребни атрактивни зимски и летни содржини кои ќе ја зголемат причината и ќе бидат мотив за привлекување на гости – боб на шини, адреналин парк, спортска сала и др.

Пари за обнова и инвестиции нема ни во Словенија. Се продаваат скијалиштата Вогел, Канин, Крвавец и Рогла во пакет со Термами Зрече, се најавува продажба на Крањска Гора и Похорје. Но, купувачи нема.

Би можело да ве интересира

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски

Додик има план за мирна разделба во БиХ

Босна и Херцеговина ги укинува визите за илегалните мигранти кои доаѓаат под маската на странски работници