Најмногу градоначалнички места за СДА, Додик во загуба

Од:

На локалните избори во БиХ излегоа вкупно 56,36 одсто гласачи, односно 1.744.918 избирачи од вкупно 3.096.229, колку што беа регистрирани. Од нив 54,79 во Федерацијата БиХ, 59,18 во Република Српска и 51, 57 во Дистриктот Брчко.

Според првите резултати на Централната изборна комисија, Партијата за демократска акција (СДА) освоила најмногу градоначалнички места, дури во 34 општини. Најголем пораз доживеа партијата на Милорад Додик, СНСД, која на овие избори освои 14, а изгуби 26 градоначалнички места. Затоа пак на Српската Демократка партија, СДС, и припаднаа 22 места. 11 добија социјалдемократите (СДП), ХДЗ 12, нивните политички опоненти ХДЗ 1990 3, а Партијата за подобра иднина на медиумскиот магнат Фахрудин Радончиќ, СББ, само 2. Катастрофално помина Партијата за БиХ, партија која од крајот на војната до предходните избори, беше постојано на власт, а на чие чело со години беше Харис Силајџиќ.

Во Сребреница, каде беше изменет изборниот закон, со кој беше дозволено гласање на протераните бошњаци, околу чија регистрација пред самите избори се водеа голем број дебати, победата ја прогласи кандидатот бошњак, Ќамил Дураковиќ, од граѓанската иницијатива “Ќе гласам за Сребреница“.

“Граѓаните ги казнија Социјал-демократите, СДА е повторно најсилна партија во БиХ“, изјави по полноќ претседателот на партијата Сулејман Тихиќ. Социјалдемократите пак, изразија задоволство, кои иако изгубија во некои општини во Сараево, во кои сигурно сметаа на победа, соопштија дека на овие избори добиле 3 места повеќе од претходните. Но, реално, очекувањата беа поголеми. Поголеми очекувања имаше и ХДЗ, иако и тие изразија задоволство од изборниот резултат. Забелешки имаа на малиот број излезени гласачи, босански хрвати. „Изборите фактички се водеа меѓу СДП и СДА„, рече некогашниот социјалдемократ, а сегашен претседател на Социјалдемократската унија, Нермин Печанац. „Останатите партии се на клупата за резервни играчи“, нагласи тој.

За потсетување, изборите поминаа во фер и регуларна атмосфера. Беа забележани помали инциденти, кои не влијаеја на изборниот резултат. Конечните официјални резултати кои ќе ги објави ЦИК се очекуваат за 2-3 дена, но според првичните сознанија, резултатите нема битно да се изменат.

Емица Нијами Налбантиќ

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски

Малолетник со нож упаднал во полициска станица во Босанска Крупа: Убил еден полицаец, а друг тешко ранил

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски