Турската полиција денеска уапси најмалку 20 лица за кои тврди дека биле вмешани во насилните протести, додека премиерот Реџеп Таип Ердоган продолжи остро да ги критикува демонстрантите и новинар на Би-Би-Си, кои, според него, се дел од заговорот против Турција.
Полицијата изврши претрес во околу 30 домови во Анкара и приведе најмалку 20 лица поради наводни врски со „терористички“ групи и под обвинение за напад врз полицијата и јавни објекти за време на тринеделните протести во земјата.
Ердоган од своја страна обвини дека одговорни за протестите се неидентификувани странски сили, банкари и медиуми.
Во обраќање пред членовите на својата Партија на правдата и развојот во Парламентот, Ердоган повтори дека протестите се организирани од сили кои сакаат да го спречат напредокот на Турција.
„Од самиот почеток некои луѓе, од внатре и надвор, се обидоа да ги претстават протестите како целосно мирни и праведни, а полицијата за систематска употребе на сила. Некои медиуми во Турција беа водечки провокатори, а странски медиуми учествуваа во овие операции“, истакна Ердоган.
Во Турција веќе три недели се одржуваат протести. Според податоци на Министерството за внатрешни работи, од 31 мај на собири излегле вкупно 2,5 милиони луѓе во 79 од вкупно 81 округ. Главните протести беа организирани во Истанбул и Анкара.
Околу 4.900 демонстранти беа уапсени, а над 600 полицајци и околу 4.000 цивили беа повредени.