Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини почна денеска посета на БиХ, додека во исто време во двата дома на Парламентот беше усвоена изјава за европскиот пат на државата.
Могерини ќе присуствува и на заедничка седница на Претставничкиот дом и Домот на народите и ќе се обрати до пратениците.
Претставничкиот дом и Домот на народите усвоија изјава за европскиот пат на БиХ донесена на 29 јануари од Претседателството, а потоа со потписи потврдена и од политичките лидери во БиХ.
Изјавата е составен дел од новиот пристап на ЕУ кон БиХ, усвоена на предлог на Германија и Велика Британија во крајот на 2014 година. Со неа се бара спроведување економски и социјални реформи за стабилизирање на државата и целосно отворање простор и за политички и уставни реформи.