Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини изјави дека Парламентот на Босна и Херцеговина усвои историска одлука за европскиот пат на земјата.
– За тоа лично ќе ги известам министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, по што Европскиот совет треба да го разгледа стапувањето на сили на Договорот за стабилизација и асоцијација на БиХ со ЕУ, истакна Могерини, обраќајќи им се на босанските пратеници.
Претставничкиот и Домот на народите денеска усвои изјава на Претседателството на БиХ за спроведување на неопходните реформи за да се одблокира патот на земјата кон ЕУ. Изјавата претходно беше потпишана од лидерите на релевантните политички партии.
– Сега мора да се донесат конкретни мерки со цел приближување на БиХ кон ЕУ и повеќе не смее да се дозволат правење на исти политички грешки како во минатото… сега треба силно да се тргне во реформи, посочи Могерини.
Таа додаде дека надлежностите за промени се во државниот Парламент, но оти одредена одговорност имаат и етничките парламенти.
– Новата иницијатива на ЕУ за БиХ дава шанса БиХ да се приближи кон ЕУ, но вие морате да се усогласите за тој пат и конкретно да дејствувате и во тоа е одговорот зошто оваа е историска одлука на пратениците и делегатите, прецизира Могерини.