Властите во БиХ одбиваат да спроведат реформи во финансискиот сектор на земјата и со тоа не сакаат ниту соработка со Меѓународниот монетарен фонд, па затоа земаат пари од комерцијалните банки кои им наплаќаат огромни камати, предупреди претставникот на ММФ во БиХ, Ендрју Џевел.
Во декември минатата година ММФ ги прекина преговорите со претставници на власта во БиХ за нов аранжман за одобрување кредитна помош од 1,5 милијарди конвертибилни марки (750 милиони евра), наменети за финансиско стабилизирање на земјата чија економија е сериозно погодена од пандемијата на коронавирусот.
Џевел потврди дека причината е во тоа што ММФ инсистира на спроведување реформи за да може да се одобри поволен кредит, но властите во БиХ не сакале да се обврзат.
Реформите кои ги бара ММФ се всушност истите оние што би ја приближиле БиХ до членството во ЕУ, но различните нивоа на власта имаат некои свои критериуми, така што Федерацијата БиХ не покажала подготвеност да ја подобри својата програма за кредитна гаранција, за која ММФ смета дека не е доволно ефикасна. Властите во Република Српска, пак, не сакаат да учествуваат во проекти за дигитализација, зајакнување на безбедносната мрежа на финансискиот сектор, а особено им пречи барањето за воспоставување единствен регистар на сметки на државно ниво, кој сега постои само на ниво на ентитет.