Апелацискиот суд во Белград денеска на некогашниот министер за одбрана на Србија и Црна Гора, Првослав Давиниќ му изрече условна затворска казна во траење од осум месеци, која нема да се реализира доколку не го повтори кривичното дело во следните три години.
Давиниќ е обвинет дека во 2005 година незаконски ѝ подарил на Црна Гора воен брод во вредност од околу 50.000 долари.
Во образложението за својата пресуда, Апелацискиот суд наведува дека Давиниќ е прогласен за виновен бидејќи на 18 август 2005 година во Белград, злоупотребувајќи ја својата службена положба, одлучил на Регионалниот центар за обука на нуркачи за подводно деминирање од Бијела да му подари половен воен брод од Војската на СЦГ, со што му нанел штета на Министерството за одбрана на СЦГ и на буџетот на тогашната заедничка држава.
Истрагата во врска со бродот започна во април 2009 година, а случајот го пријави Генералниот инспекторат при Министерството за одбрана на Србија.
Во текот на судскиот процес Давиниќ негираше дека извршил кривично дело, нагласувајќи дека се било спроведено согласно договорот меѓу Министерството за одбрана и црногорскиот центар.
Тој е веќе правосилно ослободен од три обвиненија, а во тек е негово судење по уште едно обвинение против него.