Предизборно направив сѐ за да го спречам договорот, но и со целосна искреност предупредив дека ако се потпише, ќе биде тешко да се поништи, сега гледам да ги подобрам аспектите на Преспа, кои предизвикуваат проблеми, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за весникот „То Вима“.
Како јави дописничката на МИА од Атина, во опширното интервју во денешното издание на весникот, Мицотакис, меѓу останатите теми, говори и за критиките дека по изборите го променил ставот за Договорот од Преспа и направил „салто“ во конкретното прашање.
– Гледам да ги подобрам аспектите на Преспа кои предизвикуваат проблеми. Затоа, мојата влада ги поддржа производителите од Северна Грција да го обезбедат македонскиот бренд. Претходната влада не го стори тоа. Јас се видов со Заев и му реков: „види, сакам добрососедски односи, но нема да прифатам погрешни толкувања за идентитетските прашања што се поврзани со Грција“. И секогаш поддржував дека треба да се задржи отворен европскиот пат на Западен Балкан. Каде точно е салтото? Оние што се повикуваат на тоа, веројатно се зашеметени од нивните салта. Јас останувам на мојата должност: со Договорот што веќе постои и економијата што одново застанува на свои нозе во Грција, работам за одново да добиеме лидерска улога на Балканот, вели Мицотакис во интервјуто.