Шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, денеска во Стразбур изјави дека политичката криза во Босна и Херцеговина е загрижувачка и дека Франција ја осудува институционалната блокада во земјата.
-Завршувањето на изборните и уставните реформи пред предвиденото може да гарантира легитимна застапеност на сите компоненти на Босна и Херцеговина. Ќе посветиме многу внимание на ова прашање бидејќи е важно, рече Ле Дриан на седницата на Комисијата за надворешни работи на ЕП, одговарајќи на прашањето на хрватската пратеничка Жељана Зовко.
Првиот француски дипломат додаде и дека претседателство на Франција со ЕУ, што ќе трае до 30 јуни годинава, планира да биде активно во промовирање на дијалогот со цел смирување на тензиите, соопштија од кабинетот на пратеничката Зовко.
Во својот говор таа го истакна придонесот на Франција во преговорите за Дејтонскиот мировен договор, изјавувајќи дека 26 години подоцна овој договор се игнорира.
-И покрај сите напори на Франција и Хрватска во регионот, работите не се како што треба, рече Зовко.
Дриан кажа дека ЕУ е заинтересирана за Западен Балкан и со нетрпение го очекува претстојниот самит на ЕУ за Западен Балкан, планиран за време на француското претседавање со Советот на ЕУ. Тој, исто така, ја истакна важноста да се обезбеди јасна и недвосмислена иднина за земјите од опкружувањето врз основа на новата методологија, која беше усвоена пред две години, се додава во изјавата на Жељана Зовко.
Извор: МИА