Кошта: ЕУ останува посветена на европската иднина на БиХ, но е загрижена за ситуацијата во Република Српска

Од:

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Сараево изјави дека Европската Унија се уште е посветена на европската иднина на Босна и Херцеговина, но изрази загриженост за ситуацијата во Република Српска.

„Дојдов во Сараево лично да пренесам порака за континуиран ангажман, но и за загриженост во врска со неодамнешните настани во РС, загриженост во врска со сецесионистичките потези и реториката насочени против уставниот поредок, суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ, а со тоа и против европскиот пат на БиХ“, изјави Кошта.

Тој истакна дека ЕУ се уште е посветена на европската иднина на Босна и Херцеговина.

„Оваа година, по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, 30-годишнината од Дејтон, мислам дека е важно да се запомни оваа порака“, рече европскиот функционер.

Претседателот на Европскиот совет ги наведе потребните чекори за БиХ за отворање преговори со ЕУ, нагласувајќи го усвојувањето на Планот за раст, со оглед на тоа што БиХ беше единствената во регионот што не успеа да постигне договор за тоа.

„Бараме усвојување на два закона од судството, назначување преговарачи на ЕУ и усвојување на Агендата за реформи. Граѓаните можат да платат висока цена ако она што го нуди ЕУ не се искористи. Граѓаните на Босна и Херцеговина се единствените во регионот кои не ги користат придобивките од Планот за раст“, ​​рече Кошта.

Би можело да ве интересира

Кошта на турнеја низ Западниот Балкан, в четврток ќе престојува во Скопје

Koшта: ЕУ мора да биде вклучена во преговорите со Русија за завршување на војната во Украина

Мицкоски се сретна со Кошта: Македонија да не биде заложник на билатерални спорови и препреки

Кошта: Иднината на Западен Балкан, Молдавија и Украина е во ЕУ