Припадниците на специјалните единици, истрагата, јавниот ред и другите одделенија на косовската полиција најавија протест за 9 декември, пренесува Газета Експрес.
Припадниците на специјалните единици и другите полициски единици се незадоволни од категоризацијата на плаќањата за професионалните опасности.
Припадниците на Специјалната интервентна единица на косовската полиција и Единицата за ракување со експлозивни направи протестираа на 1 ноември пред зградата на косовската Влада барајќи да се преиспита категоризацијата на плаќањата за професионален ризик. Побараа надоместокот за ризик да им биде 50 отсто од основната плата, а не како што е дефинирано од Владата во седум категории, со различни парични вредности.
По протестот на 1 ноември, Специјалната единица за интервенција предупреди на нов протест на 7 ноември, но тој беше прекинат откако им беше ветена средба со премиерот на привремените институции во Приштина, Албин Курти, за да започне дијалог. Сепак, средбата која траеше околу три часа меѓу премиерот Курти и претставниците на Специјалната единица за интервенции и заменик генералниот директор на полицијата Фехми Хоти заврши без никаков договор.