Поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ денеска ги отфрли обвиненијата на Хашкиот трибунал дека извршил геноцид во Босна и Херцеговина.
– Не сакам да тврдам дека не сум виновен, туку дека никој не е виновен, бидејќи немаше геноцид, изјави Карџиќ на крајот на расправата по жалбата на Обвинителството, кое бара во обвинението да се врати точка 1, која го товари за геноцид во седум општини во БиХ, направени во периодот од мај до декември 1992 година.
Караџиќ наведе дека Обвинителството нема доказ дека имал геноцидни намери или намера за кое било злосторство.
За говорот одржан на 15 октомври 1991 година во Собранието на БиХ, што денеска беше емитуван во судницата Караџиќ изјави дека бил „децидно антивоен говор“.
– Во тој говор, јас не ги наговорувам муслиманите да одат во војна, туку ги разубедувам да не одат во војна, посочи Караџиќ.
Тој наведе дека српската страна преговарала со „муслиманските лидери со европска ориентација“ но оти се „откажала од своите планови во интерес на зачувување на Југославија“.
– Злосторства имаше, но државата ги санкционираше, посочи Караџиќ.