Гардијан – Лондон
„Тотална опиеност”, книга на германскиот писател Норман Олер, објавена минатата година, открива вџашувачки и до сега малку позната приказна за односот на Третиот рајх кон дрогите, вклучувајќи кокаин, хероин, морфиум и пред се метамфетамини, како и нивното влијание не само на последните денови на Хитлер, туку и на успешната инвазија на Франција во 1940 година. Олер на идејата да напише книга го навел пријателот ди-џеј Александар Крамер. „Тој е како медиум за тој период” – вели Олер. „Има огромна библиотека и знае се за музиката од 1920-тите години. Една ноќ ми рече: Дали знаеш дека дрогата одиграла огромна улога во националсоцијализмот? Му реков дека не знам, но ми звучеше вистинито и истиот момент знаев дека тоа ќе биде тема на мојата следна книга”.
Имал план да напише роман, но се предомислил по првата посета на архивите. Таму открил документација од др. Теодор Морел, личен доктор на Хитлер. Во месеците кои следеле потоа, со помош на тогаш починатиот голем германски историчар на Третиот Рајх Ханц Момзен, Олер ги посетил архивите и внимателно собирал материјали.
Водечки извоз на опијати
Приказната на Олер почнува во времето на Вајмарската Република, кога во Германија цветала фармацевстката индустрија – земјата била водечки извозник на опијати како морфиум и кокаин и дрогата била достапна на секој ќош. Во тоа време најблиските соработници на Хитлер го граделе имиџот на Хитлер како непобедлив човек подготвен неуморно да работи за доброто на својата земја, кој не дозволува токсини да му го трујат организмот и не пиел дури ни кафе.
„Тој е пример на гение и тело” – напишал еден од неговите сојузници во 1930 година. „Своето тело го покорува на начин кој би шокирал луѓе како нас! Не пие, јаде практично само зеленчук и немал врски со жени”.
Отрови кои заведуваат
Не е ни чудо што нацистите, доаѓајќи на власт во 1933 година, веднаш забраниле „отрови кои заведуваат”. Во годините кои следеле корисниците на дроги биле нарекувани „пореметени криминалци”; некои биле убиени со вбризгување на смртоносна инјекција, а некои биле пратени во концентрациони логори.
Користењето на дрогата било доведувано во врска со Евреите. Националсоцијалистичката партија, т.е. нејзината канцеларија за чистота на расата, проширила вест дека еврејскиот карактер по природа е зависен од дрога. И едното и другото требало да се истреби во Германија.
Меѓутоа, одредени видови на дрога нашле примена посебно во општество осудено да држи чекор со Хитлер кој пукал од енергија. Др. Фриц Хаусшилд, главен хемичар во фабриката „Темлер” во Берлин, инспириран со успешната примена на американскиот амфетамин „бензендрин” на Олимписките игри во 1936 година, настојувал да развие сопствена чудотворна дрога и по една година патентирал прв германски метиламфетамин. „Первитин” набрзо станал сензација. Ја јакнел самодовербата и ефикасноста кај секој – почнувајќи од секретарките, преку глумците и машиновозачите (на почетокот се издавал без рецепт). Дури го ставале и во кондиторски производи.
„Хилдебранд чоколадото секогаш е уживање”, гласел слоганот на производителот. На жените препорачувале да изедат две три чоколадни бонбони дневно, да можеле брзо да ги завршат домашните обврски. Покрај сето тоа, губеле на тежина, бидејќи „превитинот” го убивал апетитот.
Патот на дрогата до војската
Не поминало многу време пред да почне и војската да ја користи оваа дрога. Олер во книгата објавил писмо кое германскиот писател и иден Нобеловец Хајнрих Бел во 1939 година од фронт го пратил на родителите.
Во писмото ги молел да му набават „первитин” бидејќи само така можел да се избори со својот голем непријател – сонот. Тогаш извршените експерименти покажале дека „первитинот” навистина одлично делувал на уморните војници. Покрај тоа што не спиеле без потреба, лекот исто така ги елиминирал инхибициите и ја олеснувал борбата која делувала помалку застрашувачки.
Во 1940 година, додека биле правени планови за инвазија на Франција преку Ардена, на воените лекари бил упатен „декрет за стимулативни средства”, во кој било препорачано војниците да пијат едно апче дневно, две ноќи во кратки паузи и уште едно или две по два-три часа, ако биде неопходно. Вермахтот порачал 35 милиони апчиња за копнените и воздушните сили, а фабриката „Темлер” го зголемила производството.
Кристален мет за инвазија на Франција
Дали тогаш „Блицкригот” бил пред се резултат од користењето на кристален мет на Вермахтот?
– Инвазијата на Франција ја овозможиле дрогите. Кога Хитлер дознал за планот за нападот преку Ардена (сојузничките сили биле концентрирани на северот до Белгија) бил воодушевен. Но, врховната команда му рекла: „Не е можно, ноќе мораме да се одмораме, тие (сојузниците) ќе се повлечат, а ние ќе останеме заробени во планините” – смета Олер.
Потоа бил издаден декрет за стимуланси, благодарение на кои војниците биле будни три дена и три ноќи. Генерал Ромел (кој тогаш водел една тенковска дивизија) и сите команданти на тенковските дивизии биле на дроги – а без тенкови, сигурно не би победиле, додава тој.
Кокаински мастики за будност на пилотите
Од тој момент врховната команда дрогата ја сметала за ефикасно оружје. Во периодот од 1944 до 1945 година станало јасно дека речиси е невозможно да се победат сојузниците, германската морнарица развила серија подморници за едно лице, со цел да се пробијат до сливот на Темза.
Бидејќи можеле да се користат само под услов пилотот со денови да биде буден, др. Герхард Ожеховски, главен фармаколог на врховната команда на морнарицата на Балтикот, почнал да работи на развој на нов супер лек – кокаински мастики, најтешка дрога која ја конзумирале германските војници. Била тестирана во концентрациониот логор Заксенхаузен, на лента за испитување на нови ѓонови за работниците на германските фабрики. Логорашите оделе и оделе, се додека не паднеле.
За тоа време во Берлин, Хитлер живеел во својот ирационален свет. Единствен сојузник му бил неговиот личен лекар др. Морел. Кога се запознале, Хитлер страдал од силни болки во гастроинтестиналниот тракт. Морел му препишал „мутафлор”, препарат на база на бактерии и неговата состојба почнала да се подобрува.
Навлечениот Хитлер
Меѓутоа, кога Хитлер во 1941 година сериозно се разболел, витаминските инјекции на Морел повеќе немале ефект.
Прво му давал инјекции со животински хормони, потоа низа се посилни лекови и на крај почнал да му дава „чудотворна дрога” наречена „еукодал”, вештачки опијат сличен на хероинот, чие основно својство било предизвикување на еуфорична состојба кај пациентот (денес е познат како „оксикодон”). Хитлер набрзо примал инјекции „еукодал” неколку пати дневно. На крај ги комбинирал со две дози кокаин кои прво ги добивал поради проблеми со ушите настанати од експлозија во бункерот „Волчја јама” на Источниот фронт.
Кога сојузниците ги бомбардирале фабриките во кои се произведувале „первитин” и „еукодал”, резервите на омилените дроги на Хитлер почнале да исчезнуваат, а во февруари 1945 година, веќе страдал од апстинентска криза. „Сите ја опишале лошата здравствена состојба на Хитлер во последните денови (во бункерот во Берлин)” – вели Олер. „Но, за тоа нема јасно објаснување. Некои тврделе дека страдал од Паркинсонова болест. За мене очигледно е дека тоа делумно била апстинентска криза… Мора да било ужасно. Ја губел светската војна и се одвикнувал од дрога”.
По два месеца Хитлер и неговата сопруга Ева Браун извршиле самоубиство.