Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Каја Калас денеска изјави дека на земјите кандидати за членство во ЕУ им било јасно ставено до знаење дека не треба да учествуваат на парадата за Денот на победата во Москва на 9 мај. Таа го најави и нејзиното доаѓање во Србија во мај.
Калас, на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, нагласи дека е јасно кажано дека одредени земји-членки нема да гледаат позитивно на учеството на парадата во Москва на 9 мај поради сеопфатната руска агресија врз Украина.
Таа најави дека подоцна во мај ќе ги посети Белград и Приштина, наведувајќи дека дијалогот за нормализација на односите мора да продолжи.
Назначивме нов претставник за дијалогот и тој процес треба да продолжи, нагласи Калас.
Таа рече дека во неделата и денеска имало добра дебата за Западен Балкан, а ако се погледне картата на регионот, јасно е дека тој географски припаѓа на Европа и треба да биде дел од ЕУ.
Најдобар начин за намалување на тензиите во регионот е сите да бидат во ЕУ, бидејќи Унијата е мировен проект и носи смирување на тензиите меѓу земјите, рече таа.
Затоа е важен процесот на европска интеграција и ни треба напредок. Албанија и Црна Гора прават добри чекори, спроведуваат реформи и од таму ќе имаме неколку успешни приказни, предвиде Калас.
Според нејзините зборови, Босна и Херцеговина (БиХ) е во уставна криза и секоја постапка за уривање на државата не е неприфатлива.
Политичките лидери треба да ги премостат разликите, а не да ги зајакнуваат. При мојата посета на Босна и Херцеговина видов дека европската интеграција е нешто за што сите се согласуваат и треба да се оди во таа насока, смета Калас.