Јосиповиќ: Да признаеме и да им се поклониме на српските жртви

Од:

Да се победи во мир значи да му се пружи рака на српскиот народ, да се признаат неговите жртви и да им се поклониме на загинатите, изјави денеска во Книн хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ на централната свеченост на одбележувањето на 17-годишнината од акцијата „Бура“.

Хрватскиот државен врв на овогодинешната свеченост по повод Денот на победата и татковинската благодарност, Денот на хрватските бранители и 17-годишнината од воено-полициската операција „Бура“ не ги спомена хашките осуденици, но беа споменати српските жртви и потребата тие да се испочитуваат.

Јосиповиќ, премиерот Зоран Милановиќ и вршителот на должност претседател на Саборот, Јосип Леко пред се изразија благодарност до сите бранители, кои во војната ја извојувале победата за Хрватска.

Истакнувајќи дека е горд што е врховен командант на победничката војска, Јосиповиќ истакна дека бранителите во праведна и одбранбена војна донеле победа и оти за тоа им е благодарен.

„Хрватска победи во војната и ги одбрани границите. Хрватска мора да победи во мир, што значи да ги совлада економските тешкотии, обезбедувајќи ги човековите права и верските и малцинските слободи“, нагласи претседателот.

„Сигурен сум дека можеме да ги победиме рецесијата и кризата и сите тие тендеции кои сакаат да ја остават Хрватска надвор од Европа и нејзините вредности“, додаде Јосиповиќ.

Милановиќ изјави дека граѓаните на Хрватска биле заедно, кога било најтешко и оти хрватскиот бил најтежок пат, а цената била голема.

„Овој празник не го славиме за да уживаме во туѓата несреќа и да се насладуваме на туѓите потешкотии“, рече Милановиќ и додаде дека по „Бура“ Хрватска понекогаш била под нивото на својата задача. Тој сепак истакна дека војната била праведна и хумана и оти тоа се вртедностите со кои Хрватска влегува во ЕУ.

Нагласувајќи дека Хрватска е господар на својата судбина и дека повеќе нема изговор и барање на виновници во Белград или на друго место, Милановиќ изјави дека војната ја почнал еден лош режим, кој не ги познавал своите граници.

„Хрватските граници секогаш ќе ги браниме, знаејќи каде се, како што тоа го правеше секоја хрватска власт од 1990 година досега и за тоа сме исто така единствени“, порача Милановиќ пред споменикот на Хрватската победа Бура ’95.

Граноначалникот на Книн Јосипа Римац изјави дека победата извојувана во „Бура“ била круна на 900-годишниот копнеж за слободна Хрватска.

„Доколку простивме, а простивме кој може да ни забрани да ја величаме нашата победа, во што нема ниту О од омраза, ниту Р од реваншизам“, истакна таа и додаде дека Хрватска жали поради недолжните жртви и нивните семејства.

На книнската тврдина изутрината во присуство на државниот врв е кренато хрватското знаме, по што следеше програма на авиогрупата и дефиле по улиците на градот.

Српскиот национален совет вчера по повод 17-годишнината од почетокот на воената акција „Бура“, со која Хрватска ја поврати контролата врз српскиот сепаратистички регион Книнска Краина, побара еднаков третман кон сите жртви во војната, независно од нивната национална припадност.

„На помалку од една година пред влезот на Хрватска во ЕУ се уште нема еднаков однос кон жртвите од војната. Седумнaесет години по војната, во меморијата на Хрватите нема место за страдањата на Србите во Хрватска за време на конфликтот“, се наведува во соопштението со Српскиот национален совет, кој ги обединува партиите, здруженијата и другите институции на хрватските Срби.

Во исто време, во црквата „Св. Марко“ во Белград вчера се одржа панихида за жртвите од „Бура“ со која чиноначалствуваше српскиот патријарх Иринеј, кој оцени дека нема никакво оправдување за таквото беззаконие и злостарства какви што биле извршени за време на воената акција.

На панихидата присуствуваше и првиот српски вице-премиер и министер за одбрана Александар Вучиќ, придружуван од началникот на Генералштабот на Војската на Србија, генерал Љубиша Диковиќ.

Семејства на жртвите при операцијата „Бура“ положија венци и запалија свеќи пред спомен-плочата поставена недалеку од црквата „Св. Марко“.

За време на операцијата „Бура“, според хрватски извори, загинале меѓу 1.000 и 1.460 Срби и 174 Хрвати, а околу 90.000 српски цивили побегнале во Србија, додека според српски извори, загинале околу 1.820 Срби, а 200-250.000 ги напуштиле своте домови.

За воени злосторства извршени за време на „Бура“, Хашкиот суд ги осуди хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач на затворски казни во тарење од 24, односно 18 години.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО На сцената во Загреб излегоа сребрените хрватски ракометари

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Хрватските ракометарите пристигнаа на плоштадот Бан Јелачиќ, ги дочекаа со песна

(ВИДЕО) Панорама од пречекот на хрватските ракометари

(ВИДЕО) Илјадници граѓани на Бан Јелачиќ ги чекаат хрватските ракометари

Хрватските ракометари слетаа во Загреб, ги чека преполниот плоштад Бан Јелачиќ

Земјотрес во Далмација