Пратеникот од ДСС, Марко Јакшиќ смета дека нема ништо од датумот за почеток на преговори на Србија со ЕУ и дека државата го даде Косово за ништо.
-Ќе биде како што Германија ќе каже, а ќе каже дека до јануари нема датум. Потоа во јануари ќе речат во јуни, а тоа е веќе видено- изјави Јакшиќ во Собранието на Србија.
Тој додаде дека и бриселскиот договор не им оди во прилог на граѓаните на Србија, бидејќи нема да живеат подобро, нема да имаат повисоки плати и пензии , а нема ниту нови инвестиции.
Зборувајќи за одбележувањето на Видовден на Косово, рече дека и оваа година очекува провокации од страна на албанците и апелираше до сите да бидат присебни.
-Србите доаѓаат со маици на цар Лазар и Цар Душан, тоа не им се допаѓа, бидејќи тие би сакале Србите на Видовден да дојдат со знамиња со ликот на Мик Џегер и не знам кој уште – рече Јакшиќ.
Тој се осврна и на одлуката на властите на Крушевац за доделувањето на Видовденска повелба на потпретседателот на владата на Србија, Александар Вучиќ.
-До сега повелбата им се доделуваше на оние кои се бореа за Косово и Метохија.
Денес за прв пат по повеќе од 600 години, повелбата му се додели на Вучиќ кој што го потпиша бриселскиот договор, со што се одрече и го предаде Косово и Метохија – нагласи Јакшиќ.
Елена Георгиевска