Поранешните високи претставници во БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг и Валентин Инцко, бараат од Европската комисија да ја прими БиХ во ЕУ „брзо и небирократски“, наведувајќи и дека на Србија треба да и се одземе кандидатскиот статус, јави дописникот на МИА од Белград.
Двајцата бараат гаранции од НАТО дека ќе го заштитат населението во БиХ.
-Во историјата на Европа, 24 февруари 2022 година е црн ден, бидејќи постои опасност таквата агресија врз една суверена држава да поттикне други диктатори да преземат слични чекори, велат двајцата поранешни високи претставници во БиХ, во писмо до Претседателката на Европската комисија Урсула фон ден Лајен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Со оглед на украинската криза и фактот што членките на ЕУ – Бугарија, Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија – побараа итен пристап на Украина во ЕУ, според Шварц-Шилинг и Инцко, сега е време земјите од Западен Балкан кои се стремат да се приклучат во ЕУ да ги започнат преговорите за членство без одлагање.
Тоа мора да важи и за БиХ, а тоа треба да биде и поука од настаните во последните шест дена, се наведува во нивното писмо, пренесе Дојче веле.
-Никој не знае кои се целите на Путин. Затоа бараме од вас (Јенс Столтенберг) да направите се што е во ваша моќ за да ја заштитите БиХ. Нејзините граѓани мора да добијат гаранции од НАТО во случај војната да се прошири на Западен Балкан, се вели во писмото.
Инцко и Шварц-Шилинг бараат да се испратат војници на НАТО „до коридорот Брчко и границата на БиХ со Србија“.
Тие понатаму оценија дека Србија, која одбива да воведе санкции кон Русија, треба да биде исклучена од кандидатурата за членство во ЕУ.
Повикувајќи се на првиот висок претставник во БиХ, Карл Билт, кој пред неколку дена на Твитер напиша дека односот на Србија кон Русија „ја дисквалификува од пристапниот процес“, како и дека „за земјите кои не ги делат европските вредности, нема место во ЕУ“, Инцко кажа дека „се согласува со Карл Билт, додавајќи дека „тој можеше да го каже тоа и порано“.
Извор: МИА