Со читање и потпишување на Свечената изјава во зградата на Претседателството на БиХ во Сараево се одржа конститутивната седница, односно инаугурацијата на новите членови на Претседателството, кои во следните четири години ќе ја извршуваат оваа должност.
Претседателот на Централната изборна комисија на БиХ, Стјепан Микиќ, сертификатите им ги врачи на новоизбраните членови Младен Иваниќ, Драган Човиќ и Бакир Изетбеговиќ.
По овој дел од церемонијата тројцата ја прочитаа и потпишаа Свечената изјава, а први им честитаа претходните членови на Претседателството Жељко Комшиќ и Небојша Радмановиќ.
Како што претходно беше утврдено, претседавањето со новиот состав на Претседателството на БиХ ќе се одвива во согласност со принципот на ротација во претседавањето од претходниот состав, а во согласност со тоа, претседавањето ќе го преземе српскиот член на Претседателството Младен Иваниќ.
Членовите на Претседателството во своите свечени обраќања ја истакнаа заложбата за работа кон што побрз напредок на БиХ во евроатланските интеграции, определеноста за свој придонес во решавање на наталожените проблеми и за меѓусебна соработка.