Иконому: Грција ги следи случувањата во Украина и ги одржува отворени сите канали на комуникација

Од:

Грција внимателно ги следи случувањата во Украина, со надеж дека ќе има мирно решавање на спорот, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, коментирајќи ја ситуацијата во Украина и додаде дека паралелно ги следат случувањата и во однос на грчката дијаспора во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Иконому додаде дека се во целосна координација со европските партнери, но и се отворени сите други канали за комуникација и ќе направат „сè што е потребно за одбрана на интересите на земјата и нејзиниот народ, надевајќи се дека ќе има мирно решавање на споровите“.

За ситуацијата во Украина, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис учествуваше на видеоконференција организирана од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, а дополнително, одржа и состанок со министрите од неговата Влада за безбедноста на снабдувањето со гас.

Во однос на состанокот на Мишел со европските лидери, од кабинетот на Мицотакис информираа дека „била нагласена потребата за координација меѓу земјите- членки на Европската унија и подобра подготвеност во случај на ескалација на кризата“.

-Беше нагласена и потребата од одржување на европското единство и исцрпување на сите дипломатски средства и канали на комуникација со цел да се избегне ескалација. Лидерите повторија дека агресивна акција од страна на Русија би донела сериозни последици со голема цена и се согласија да останат во контакт, информираат од кабинетот на грчкиот премиер во однос на видеоконференцијата на Мишел со европските лидери.

Мицотакис, во премиерската палата денеска одржал состанок и за случувањата во Украина, но од аспект на снабдувањето со природен гас и биле разгледани „сите можни сценарија со цел безбедно снабдување со гас на Грција“.

На состанокот присуствувале министри од Владата, советници, како и извршните директори на грчката електродистрибуција и на компанијата за снабдување со гас и претседателот на регулаторната комисија за енергетика.

Претходно, како што веќе објави МИА, состанок во Министерството за надворешни работи на Грција одржа и шефот на грчката дипломатија, а преку соопштение, од грчкото МНР апелираа граѓаните да не патуваат на територијата на Украина и оние граѓани кои се таму, веднаш да ја напуштат земјата.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Полицајците го пуштиле да вози пијан и без дозвола – предизвика судир и загина млад човек

А1он

Стразбур: Грција прогласена за виновна за систематско одбивање на потенцијални баратели на азил

А1он

Силен земјотрес ја погоди Грција

Почина поранешниот премиер на Грција Костас Симитис

Еден загинат во пожар во хотел во Грција

А1он

Грчката полиција го забрани денешниот најавен собир на Албанците во Атина