Хрватска тагува

Од:

Во страшното злосторство што вчера ја потресе Хрватска и регионот, загина седумгодишно дете, а неколку деца и наставник се тешко повредени кога 19-годишен напаѓач вооружен со нож влегол во основно училиште во предградието на Загреб. Меѓу повредените е и напаѓачот кој се обидел да се самоубие, но бил спречен од полицијата, по што бил уапсен.

Хрватската министерка за здравство Ирена Хрстиќ изјави дека повредените се пренесени во болници и дека повеќето од нив се надвор од животна опасност, освен наставничката која е во тешка состојба, пренесе Бета.

Хрватските медиуми објавија дека станува збор за 64-годишна наставничка која предава прво одделение и дека ова е нејзината последна генерација пред пензионирањето.

Како што пишува порталот Индекс, таа била избодена со нож во обид да спречи напад врз учениците. Докторка од болницата Свети Дух во интервју за ХРТ вели дека била примена со тешки физички повреди, односно со голем број убоди во пределот на градниот кош.

Нападот се случил околу 9:50 часот, на последниот училишен ден пред Божиќ, во основното училиште „Пречко“ во инаку мирна населба во Загреб.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ вчера изјави дека напаѓачот бил 19-годишен поранешен ученик во училиштето и дека веќе бил пријавен дека имал ментални нарушувања.

„Од првата пријава во полиција, насилникот бил совладан за 10 минути. Тој побегнал од местото и се заклучил во блиската зграда на Здравствениот дом. Почнал да се самоповредува со нож. Полицијата го спречила да се самоубие. Дотичниот е пријавен за психички нарушувања, а пред околу една година и за обид за самоубиство, така што тоа што се обидел да си го одземе животот и денеска покажува дека е тешко да се каже дека лицето било психички избалансирано – рече Божиновиќ.

Одредени хрватски медиуми објавија дека разговарале со мајката на напаѓачот, која, како што пишуваат, за својот син рекла дека неколкупати бил во психијатриска болница во Јанкомир, каде наводно ги предупредила лекарите да го задржат на лекување и тие, како што тврди таа, го пуштиле да си оди дома.

Хрватското Министерство за здравство потврди за новинската агенција Хина дека покренало здравствена инспекција во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Јанкомир, каде наводно се лекувал напаѓачот.

Родителите вчера во паника се собраа пред училиштето и чекаа вести за своите деца, а на видеата што ги објавија хрватските медиуми се гледаат деца како бегаат од училишната зграда и медицински хеликоптер слетува во училишниот двор.

Во разговорот со медиумите бесен Марко Сикирица, чие дете учи во основното училиште Пречко и е претставник на советот на родители. Како што пренесува Индекс, тој рекол дека вакви трагедии не треба да се случуваат и дека му требало половина час да стигне до своето дете и да го однесе на безбедно.

„Моето дете е добро, но за жал другите деца не се. Жал ми е што на другите деца не им е добро. Јас сум лут на државата, најмногу им се лутам на нив. Во Белград имаше напад. Хрватска ништо не направи… 18 години работам во системи за техничка заштита. Ништо не се работеше во училиштата. Убав ден одам на училиште, не мора ни никому ништо да кажам, во училиштето нема никој, цело време е отклучено“, рече Сикирица.

„За мене е неприфатливо училиштето да нема кризен менаџмент и да не знаат каде се децата. Тоа е катастрофа за мене“, додаде тој.

Вчерашната трагедија во Хрватска потсети на минатогодишното злосторство во Белград, кога момчето Коста Кецмановиќ уби девет врсници и училишен чувар. Хрватските медиуми посочуваат дека, за разлика од случајот во Белград, во училиштето во Пречко никој не бил на врата и дека иако се уште се утврдува текот на настаните, се укажува дека убиецот непречено влегол во училиштето.

По повод вчерашната трагедија, три просветни синдикати во Хрватска најавија дека во понеделник во Загреб ќе организираат мирен протестен марш под името „За безбедно училиште“, објави „Јутарњи лист“.

Поради трагедијата на територијата на Хрватска за денеска е прогласен Ден на жалост, а откажани се и голем број културно-забавни настани планирани за претстојните празници.

Предизборните активности ги прекинаа и кандидатите на претседателските избори закажани за 29 декември.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изрази сочувство до семејството на жртвата и повика на напори училиштата и образовните институции да бидат безбедни.

„Немам зборови да ја опишам мојата тага за ужасната и невидена трагедија што не шокираше сите денес. „Изразувам длабоко сочувство до родителите и семејството на детето кое денеска трагично загина во училиште во Загреб“, рече Милановиќ.

„Да направиме се нашите училишта и образовни институции повторно да станат безгрижно и безбедно место за сите деца и сите воспитно-образовни работници, како што беа со децении“, додаде Милановиќ.

Вчера попладне поради нападот на училиште во Загреб се одржа вонреден состанок на кој учествуваа премиерот Андреј Пленковиќ, градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ и надлежните министри.

Пленковиќ по средбата им се обрати на новинарите за да изрази сочувство и да најави мерки за зголемување на нивото на безбедност во училиштата, пренесе Н1.

„Шокирани сме и згрозени од толку тешко кривично дело. Во овој момент не можеме да кажеме дека се работи за идеолошки обоен настан или дека има терористички елементи. Сметаме дека тоа е настан кој е предизвикан од здравствени нарушувања, но ваквиот настан отвора низа прашања поврзани со безбедноста во училиштата“, додаде тој. „Затоа, денеска одлучивме во овие неколку дена, додека се празниците, да видиме што дополнително можеме да направиме во однос на безбедноста од тоа што сите училишни институции мора да бидат заклучени, и технички подобрувања, во однос на типот на вратите. во училиштата, како и да се предвиди во систематизацијата на училиштето едно место за лица кои би биле квалификувани со посебни знаења поврзани со безбедноста“, најави тој.

Највисоките функционери на земјите од регионот вчера упатија телеграми со сочувство до политичкиот врв на Хрватска во врска со нападот на основното училиште.

Вчера голем број граѓани запалија свеќи и оставија лампиони на повеќе локации во Загреб, меѓу кои и на дворот на основното училиште Пречко, за да им оддадат почит на настраданите.

Би можело да ве интересира

Божиновиќ: Извршителот на нападот во училиштето во Загреб имал ментални нарушувања

Во Загреб утре е Ден на жалост поради трагичниот напад во основното училиште Пречко

Горан Наумовски

Мајката на напаѓачот од Загреб вели: „Го молев докторот да не го пушта бидејќи не е за пуштање“

Горан Наумовски

Божиновиќ: Напаѓачот од Загреб имал психички нарушувања

Горан Наумовски

Мета на убиецот од Загреб била наставничка

Убиеното дете во Загреб имало само седум години, напаѓачот сам се повредил

Горан Наумовски