Хрватска купува зграда во Брисел за 11,5 милиони евра, во која ќе биде сместена хрватската мисија во Брисел, јавија денеска хрватските медиуми, истакнувајќи дека Владата би требало да даде согласност за купување на објектот.
Откако Владата ќе даде согласност, ќе биде потпишан преддговор за купување на зградата која се наоѓа во европскиот кварт во непосредна близина на европските институции, дознаваат медиумите од неофицијални извори.
Зградата има четири подземни катови каде што се гаражите, како и седум надземни катови. Вкупната површина на канцелариски простор е околу 4.000 метри квадратни, цената на зградата 11,5 милиони евра, додека пред пет години нејзината вредност е проценета на 13,7 милиони евра.
По евентуалното потпишување на преддоговорот ќе биде потребно да се извршат уште некои технички проверки пред потпишувањето на договорот, а штом биде потпишан преддоговорот ќе може да започне уредувањето и адаптацијата на зградата за вселување оваа пролет.
Зградата, изградена во почетокот на 80-те години во целост ги задоволува потребите на хрватската мисија во Европската унија која со влегувањето во ЕУ станува Постојано претставништво.
Поголем број земји-членки на ЕУ, околу 90 отсто, имаат згради во сопственост, со оглед на тоа дека тоа повеќе се иплати од изнајмување работен простор во Брисел.