Во Атина денеска започна нова рунда консултации меѓу грчката Влада и меѓународните кредитори, објавија атинските медиуми.
Новата рунда преговори меѓу Атина и кредиторите доаѓа во пресрет на очекуваното изјаснување на европските институции околу текот на спроведувањето на реформите во Грција. Предвидено е институциите на ЕУ својата оценка за темпото на реформите во Грција да ја дадат кон крајот на ноември, од што ќе зависи исплата на следната транша од кредитната помош за земјата.
Аналитичарите во Атина новите консулатции, кои се предвидува да траат две недели, ги оценуваат како „критични“, додавајќи дека се очекува кредиторите да излезат со нови барање за мерки на штедење.
Од текот на консултациите исто така ќе зависи дали Грција ќе ја добие следната транша од помошта од 6,1 милијради евра, од кои 1,7 милијарди евра ќе бидат наменети за отплата на доспеаните рати од кредитите.
Аналиитчарите оценуваа дека преговорите ќе бидат „доста тешки“, бидејќи ќе се оденуваат на „болни теми“, како што се платите, даноците, работничкото законодавство и приватизацијата. Од резултатите на овие консултации ќе зависи и дали Меѓународниот монетерен фонд (ММФ) ќе се приклучи кон третиот пакет помош за Грција.
Атина се надева дека евентална позитивна оценка од страна на кредиторите ќе придонесе за отпрчнување и на дебата за отпишување на грчкиот долг за време на средбата на Еврогрупата на 5 декември.