Парламентот на Грција минатата ноќ и изгласа доверба на новата грчка Влада на премиерот Андонис Самарас.
Широката коалициска Влада на конзервативецот Самарас, што беше формирана по повторените парламентарни избори на 17 јуни, немаше проблеми при гласањето што се одржа непосредно по полноќ. Владата беше поддржана од сите 179 пратеници од трите партии на владејачката коалиција – Нова Демократија, ПАСОК и Демократската левица. Останатите 121 пратеник од вкупно 300 во Парламентот, во најголем дел од крајнолевичарски и десничарски партии гласаа против новата Влада.
Акцентот во политичката програма на новата грчка Влада е на приватизацијата и оживувањето на економијата на земјата.
Владата доби доверба неколку часа пред денешната средба на министрите за финансии на земјите од Еврогрупата во Брисел, каде една од главните теми ќе биде ситуацијата во Грција.
– Треба да останеме во еврозоната, како што одлучи грчкиот народ, нагласи на крајот од дебатата пред гласањето за доверба премиерот Самарас. Тој изрази уверување дека Владата ќе продолжи со реформите, поставени од меѓународните кредитори на Грција во замена за вториот план за спас на земјата.
Мерките беа прифатени од грчкиот Парламент во февруари, но нивното спроведување беше одложено поради трите месеци на предизборни кампањи. Владата на Самарас има намера да побара од кредиторите од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд да го продолжат рокот од две години за заздравување на буџетот со цел да се избегне продлабочување на економската криза.