Илјадници Босанци се вклучија денеска во антивладиниоте протести, што траат веќе втора недела, наречени „бебешка револуција“, бидејќи беа отпочнати за случајот со тримесечно бебе кое заради недостиг од единствен матичен број (ЕМБ) не можеше да замине на лекување во странство, соопштија американските медиуми.
Околу 3.000 лица денеска се собраа во Сараево и ги повикаа политичарите да почнат да си ја вршат работата и да престанат со етничките спорови. Бројот на демонстрантите денеска беше два пати поголем од вчерашниот.
[nggallery id=201]
Демонстрациите во Сараево почнаа во средината на минатата недела кога гневни родители го опколија парламентот со барањето законодавците да го донесат новиот закон за ЕМБ, што им е неопходен на граѓаните за да можат да добијат лични документи.
Во четвртокот околу 2.000 демонстранти го окупираа парламентот и соопштија дека никому нема да му дозволат да ја напушти зградата додека не се изгласа законот за ЕМБ. Во блокираната зграда освен пратениците имаше и 350 странсјми државјани, учесници на меѓународната банкарска конференција, кои беа евакуирани во петокот рано утрината.
Законот за ЕМБ се одлага со месеци, затоа што партиите на босанските Срби инсистираат двете административни единици (Република Српска и Муслиманско-хрватската федерација) да имаат одделна граѓанска регистрација, а пратениците муслимани и Хрвати се за единствен систем за цела Босна и Херцеговина.
Непосреден повод за протестите беше случајот на тримесечното бебе Белмина, кое заради немање на 13-те бројки од ЕМБ не можеше да добие пасош и да се испрати на лекување во странство.