Четвртиот ден од најжестоките антивладини демострации во Турција беа проследени со судирите на демонстрантите со полицијата, а некои од нив го запалиле седиштето на владејачката партија.
Во западното пристаниште Измир демонстрантите фрлиле бомби врз седиштето на владејачката партија и на снимки објавени на локалните телевизии можело да се забележи како гори дел од зградата.
Полицијата, според тамошните медиуми, испалила солзавец кон група демонстранти во близина на канцеларијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, на што демонстрантите одговориле со камења.
Улиците околу канцеларијата на премиерот се затворени, а полицијата употребила солзавец во неколку наврати. Во главната улица во близина на канцеларијата на Ердоган, еден демонстрант дошол со мал механички багер, додека останатите оделе зад него. Во најблиската џамија докторите им пружале помош на повредените.
Во текот на изминатата ноќ се приведени околу 500 демонстранти откако полицијата го разбила протестот на голем број лица во Анкара.