Процесот на евроинтеграцијата на Босна и Херцеговина е во застој, констатира еврокомесарот за проширување Штефан Филе, претставувајќи го годишниот извештај за напредокот на земјите од регионот пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Како што пренесува Танјуг, Филе наведе дека Европската унија сака да им даде поддршка на политичарите во БиХ, пред се во наоѓањето решение за имплементација на пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Сејдиќ-Финци“, со што ќе се отвори европскиот пат за БиХ.
Станува збор за пресуда што од Уставот на БиХ треба да ја исфрли дискриминаторската одредба и на претставниците на малцинските заедници да им овозможи да се кандидираат за највисоките државни функции. Филе нагласи дека неговата порака до политичарите во БиХ е да го следат примерот на фудбалерите и да ги исполнат очекувањата на своите граѓани, со што ќе им овозможат нова иднина.
– Синоѓа фудбалската репрезентација на БиХ покажа тимски дух и единство и овозможи ноќ на успех – рече Филе. Европската унија е одлучна да помогне, додаде Филе, но на политичарите во БиХ е да се договорат и да постигнат компромис, со што ќе го отворат патот кон Европската унија.
Тоа ќе доведе до доверба на граѓаните во капацитетот на лидерите да го истрасираат патот кон стапување во сила на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, односно кон конечното поднесување на апликацијата за членство на БиХ, додаде Филе.