Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска изјави дека Црна Гора мора итно да се фокусира на две работи – изборот на судии на Уставниот суд и организацијата на предвремени парламентарни избори.
Во интервју за Атлантската алијанса, Ескобар рече дека е многу загрижен поради фактот што Црна Гора изгуби многу време во спроведувањето на реформите кои се неопходни за затворање на поглавјето во преговорите со Европската унија (ЕУ), објави подгорички „Вијести“.
Тој потсети дека Црна Гора ги отвори сите поглавја и дека сега фокусот е на прашањето за нивно затворање.
Ескобар изрази надеж дека Црна Гора ќе го продолжи својот пат да биде еден од лидерите во преговарачкиот процес.
Според него, сегашниот предизвик е што земјата е во многу длабока уставна криза.
„Има некои партии кои се залагаат за измени на Законот за претседател, без кворум во Уставниот суд. Ако некој ја доведува во прашање уставноста на тие измени, не постои тело што може да одлучи дали тоа е добро направено или не. Треба да се фокусираме на две работи. Првата е дека тие места (во Уставниот суд) мора итно да се пополнат и да не играат игри во кои за возврат ќе се обидуваат да добијат политички отстапки. Второ, мислам дека на владата и треба нов мандат. Тоа значи предвремени избори“, рече Ескобар.
Тој смета дека се потребни предвремени избори. „Вака ние ја гледаме ситуацијата и тоа мора итно да се направи. После тоа, Црна Гора мора повторно да се фокусира на работите што се важни за нејзините граѓани. Тоа се реформите на правната држава, борбата против корупцијата и економијата, а не работи кои предизвикуваат поделби, како на пример да се определи кој е Србин, а кој Црногорец, во која црква се оди… Тие работи се напори за дополнително ја дестабилизираат државата“, истакна Ескобар.
Извор: МИА