Турција нуди само логистичка поддршка на сириската опозиција и тоа не треба да се толкува како надворешна интервенција, изјави турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган.
Ердоган тоа го изјави на прес-конференција на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул по враќањето од посетата на САД, каде меѓу главните теми на разговор била и ситуацијата во Сирија.
– Ова што го правиме во голем дел е во насока на логистичка поддршка. Како и досега ја нудевме таквата наша помош, ќе продолжиме и во иднина на истиот начин. Нашата решеност останува, изјави Ердоган, предупредувајќи дека независно од логистичката поддршка, не е правилно светот да остане само набљудувач на случувањата во Сирија.
Ердоган ги обвини сите што се обидуваат да ја претстават логистичката поддршка на Туција за сириската опозиција како мешање во странска држава дека не го прават истото и со останатите директни улесници во војната во Сирија.