Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган употребата на солзавец во демонстрациите во земјата ја оцени како природно право на полицијата во изјавата пред парламентарната група на својата Партија на правдата и развојот, пренесе турската приватна телевизија НТВ.
– Употребата на солзавец е најприродното право на полицијата. Што требаше да прават, да излезат и да пукаат со куршуми, да употребуваат оружје, запраша Ердоган.
Премиерот како пример го посочи митингот за поддршка на владата на плоштадот Казлачешме во Истанбул, во неделата, на кој според негови оценки се собраа над еден милион луѓеи. Овие луѓе „се разотидоа без никого да вонемират, без никому да му пречат. Ете тоа е демократија, тое е користење на демократските права“, рече Ердоган.
-Не прашуваат дали сме ја разбрале пораката од паркот Гези. А тие ја разбраа ли пораката на стотиците илјади во Синџан (анкарски кварт каде во саботата се оддржа митинг за негова поддршка) и на над еден милион луѓе во Казлачешме?“, запраша турскиот премиер.
Според Ердоган, протестите за паркот Гези биле „исклучително организирани“, но биле спроведени како демонстрации за заштита на природата. Тој спомена конкретни примери, кои според него претставуваат манипулирање со информациите за протестите, и изјави дека силите за безбедност дејствувале „разумно“ и „трпеливо“.
-Успешно го положивме испитот по демократија. Употребата на солзавец е најприродното право на полицијата, изјави Ердоган. Турската полиција денеска приведе повеќе десетици лица, извршувајќи упади во нивните домови, како и во два медиума во рамки на координираната акција што се изведува во целата земја по тринеделните протести против власта.
Полицијата претресла 90 станови на членови на Социјалистичката партија на угнетените, мала левичарска група која беше многу активна во текот на протестите во паркот Гези, во Истанбул, соопшти адвокатската комора во Истанбул, пренесуваат француските медиуми.
Властите, исто така, организирале претрес на просториите на дневниот весник „Атилим“ и информативната агенција „Еткин“, а во Анкара се уапсени 30 лица и уште 13 во Ескишехир, на северозапад на земјата.
Според турскиот закон приведените можат во притвор да бидат задржани најмногу четири дена, пред да бидат испратени на суд или ослободени.