Офицери на турската армија поднесуваат оставка за да избегнат судење за заговор против владата.
Масовни затворања на активни и пензионирани воени офицери, се случуваат и траат во Турција со децении. Во текот на последниве 50-ина години, турската армија често се вмешуваше во домашната политика, организирајќи повеќе државни удари, кои рушеа влади и, генерално, имаше значително влијание во политичкиот домен.
Турскиот воен врв секогаш истакнуваше дека тие вушност се чувари на наследството на модерната турска република, на првиот претседател, Мустафа Кемал Ататурк.
Но, кога во 2002 година Ердоган со својата партија АКП освои речиси две третини од пратеничките места во парламентот, ситуацијата се промени.
Следеше долгогодишен судир помеѓу власта и војската, бидејќи умерено исламистичката АКП всушност го гледаше војниот врв како своја најголема закана.
До денес уапсени се голем број на воени офицери. Во септември 2012 година, по 21-месечниот судски процес, судот ги осуди тројцата поранешни армиски генерали на по 20 години затвор, за планирање на државен удар. Судот тврди дека генералите сакале да започнат војна со соседна Грција и дека организирале експлозии во турски џамии како почеток на државниот удар против владата на Ердоган.
Со генералите, околу 330 офицери се осудени за заговор. Сите обвинети ги отфрлија обвинувањата и тврдат дека доказите се подметнати. Стотици турски воени офицери се уште се судат за заговор против државата. Севкупно, околу 15% од воениот врв, вклучувајќи и полковници и генерали,се наоѓаат на судење.
Според турските медиуми, околу 10% од 348 турски генерали се наоѓаат во затвор. Поради прогонот на воените офицери и во 2013-та, значителен број се определија за предвремено пензионирање. На пример, адмиралот Нусрет Гунер, човекот бр.2 на турската морнарица. Информациите велат дека 110 офицери на турското воено воздухопловство го следеа неговиот пример.