Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, повика на смиреност и апелира, како што рече, да не се наседнува на провокациите иницирани од ектремистички елементи.
„Бидете смирени и ова ќе помине“, изјави Ердоган на прес конференција во Истанбул, пред заминувањето во официјална посета на Мароко.
Демонстрантите веќе трета ноќ по ред се судираат со полицијата во неколку градови во земјата. Полицијата употреби водени топови и солзавец за разбивање на протестите пред канцелариите на премиерот Реџеп Таип Ердоган во Истанбул и Анкара.
„Диктатор, оставка. Ќе одолееме се додека победиме“, извикуваа демонстрантите.
„Ме нарекуваат диктатор. Доколку тие нарекуваат диктатор некој кој му служи на народот, тогаш немам што да кажам. Мојата единствена грижа е да му служам на народот“, изјави Ердоган.
Полицијата се повлече од главниот истанбулски плоштад Таксим, симболичен центар на демонстрациите кои почнаа поради преуредувањето на плоштадот, но кои прераснаа во општ протест против владата. Министерот за внатрешни работи Муамер Ѓулер изјави дека повеќе од илјада и седумстотини лица биле приведени, од кои потоа голем дел биле ослободени.
Има и неколку десетици повредени цивили и полицајци. Но, групите за човекови права велат дека бројот на ранетите бил поголем.
Синдикатот на лекарите во Анкара соопшти дека само во тој град биле третирани над 400 цивили, некои од нив со тешки повреди на главата.