Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан денеска на Јахорина, беше мошне успешен, оцени претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.
– Имавме широка дискусија за важните прашања за севкупната регионална соработка и ја усвоивме Декларацијата која претставува сеопфатен пристап поврзан со процесот на европска интеграција, безбедност, економски развој, миграција, дигитализација и сé што може да биде предмет на соработка, рече Додик.
Тој потсети дека Босна и Херцеговина го завршува претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое го презема Приштина, иако нивните претставници не присуствуваа на денешниот Самит.
– Нивните причини за недоаѓање не ги намалија ефектите од Самитот и жалам што не беа овде. Направивме напори во согласност со процедурите, ги поканивме нивните претставници да учествуваат на овој форум, рече Додик, притоа честитајќи и на Приштина за преземањето на претседателствувањето со СЕЕЦП.
За причините за нивното недоаѓање, тој рече дека треба да одговори Приштина.
Додик потврди дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на вчерашниот состанок барал од БиХ екстрадиција на одредени лица кои се поврзани со обидот за државен удар во Турција, кои се наоѓаат на територијата на Федерацијата и чија екстрадиција зависи од федералните институции.
Во однос на вчерашниот инцидент помеѓу Граничната полиција на БиХ и обезбедувањето на Ердоган, тој рече дека тоа било непотребно, но дека сепак треба да се почитуваат прописите кои важат за влез во БиХ, како и посебните режими и процедури кога доаѓаат важни гости.