Европската унија ја одложи парламентарната посета на Турција по острите критики од страна на официјална Анкара за резолуцијата на Европскиот парламент, со која е изразена загриженост за полициското насилство врз демонстрантите во Истанбул.
Европратеникот Елмар Брок изјави дека планираната за утре посета на парламентарна делегација е одложена по минатонеделните коментари, истакнувајќи дека Турција „треба да научи како да ги прифаќа критиките“.
Тој денеска изрази надеж дека конструктивниот дијалог набрзо ќе биде обновен.
Минатата недела турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган остро го нападна Европскиот парламент во врска со необврзувачката резолуција, со која беше изразена длабока загриженост од „прекумерното насилство и бруталната интервенција на полицијата врз мирните демонстранти во Турција“.