Неколку илјади луѓе побараа вчера во Подгорица оставка на црногорската Влада на протест, кој го организираше опозицискиот Демократски фронт, кој е составен од просрпски опозициски партии.
На протестот, кој според проценките на медиумите, се собрале пет илјади лица, побарана е оставка на левата Влада на премиерот Мило Ѓукановиќ и формирање на нова преодна влада.
– Падот на актуелната Влада е предуслов за формирање на нова преодна, која би била составена од постоечките парламентарни субјекти со ограничен мандат со цел создавање услови за одржување на фер и демократски избори, изјави функционерот од Демократскиот фронт, Страхиња Булајиќ.
Демонстрантите порачаа дека пред зградата на Собранието ќе останат се до исполнувањето на нивните барања.
Мило Ѓукановиќ (53) на власт во Црна Гора е непрекинато 25 години, а премиер по шестти пат стана во 2012 година. Тој беше претседател на Црна Гора од 1998 до 2002 година. Редовните парламентарните избори се предвидени за пролетта 2016 година.