Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу денеска изјави дека турските власти немаат намера да преговараат со талибанците за ослободување на осуммината турски граѓани.
Давутоглу тоа го истакна во своето обраќање пред Парламентот.
Осуммина турски граѓани беа задржани од талибанците во неделата, откако хеликоптерот со кој патувале, принудно слета во околината на Азра во провинцијата Логар, поради лоши временски услови. Талибанците ги заробија и двајцата пилоти, Русин и Авганистанец.
Не влегуваме во преговори за откуп во врска со инциденти со киднапирање на наши граѓани во странски држави. Ние се трудиме да ги решиме овие прашања со користење на официјални канали, истакна Давутоглу.