Црногорскиот Парламент не успеа да избере судии на Уставниот суд, опозицијата на протест

Од:

Пратениците во црногорскиот Парламент денеска не ги избраа судиите на Уставниот суд, со што највисокиот суд во Црна Гора остана блокиран и не може да се изјасни ниту за спорните измени на законот за Претседател, ниту за евентуалните жалби поврзани со изборниот процес.

Уставниот суд на Црна Гора не функционира од септември откако четворица судии се пензионираа по сила на закон, а во моментов во Судот има само тројца уставни судии..

За избор на нови судии на Уставниот суд потребно е трипетинско мнозинство или поддршка од 49 пратеници, а владејачкото мнозинство има 41 глаÑ . Ниту еден од предложените кандидати не доби повеќе од 42 гласа. Претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ, изјави дека исходот од гласањето покажува дека ниту еден кандидат за судија не добил поддршка од квалификуваното мнозинство и оти Уставниот комитет мора да ја повтори целата процедура за пријавување и избор на кандидати.

Пратениците од опозицијата не присуствуваа на гласањето, додека пред црногорското Собрание беа присутни симпатизери на опозицијата кои ги блокираа централните улици во Подгорица. Бројот на демонстрантите се зголемува од час во час, со оглед на тоа дека им се придружуваат и жители од другите црногорски општини, посочува Хина.

Демонстрантите бараат повлекување на измените на законот за Претседател, кои ги предложи владејачката партија, потоа распишување вонредни избори и избор на судии, кој денеска не беше спроведен.

Демонстрантите, на кои им се придружија и претставници на опозицијата, тврдат дека станува збор за државен удар. Поради блокада на улиците во главниот град на Црна Гора дојде до сообраќаен колапс.

Во текот на денот се очекува и продолжението на собраниската седница на која претставниците ќе го кажат своето мислење за спорниот закон за претседател на Црна Гора, со кој владејачкото мнозинство, предводено од просрпскиот Демократски фронт, а поддржан од Обединетата Реформска акција на премиерот во техничкиот мандат на Дритан Абазовиќ, сака да го натера претседателот Мило Ѓукановиќ да му го довери формирањето на новата влада на Миодраг Лекиќ, поранешен дипломат од времето на Слободан Милошевиќ.

Дипломати на Европската Унија и на САД оценија дека станува збор за контроверзен закон, а Венецијанската комисија ги повика претставниците на црногорскиот парламент да не го усвојат тој закон бидејќи, како што наведоа, уставните одредби не треба да се менуваат со „обичен закон“.

Парламентарните партии се обидоа да постигнат компромис минатата недела, но тој обид вчера пропадна. Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ предложи да се избере еден судија на Уставниот суд, да не се гласа за законот за претседател на Црна Гора и „на вонредни парламентарни избори да се оди со функционален Уставен суд“.

Владејачкото мнозинство ја одби таа понуда, инсистирајќи да се изберат сите четворица предложени кандидати за Уставниот суд.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

Двајца бугарски државјани уапсени во Црна Гора за обид за убиство

Горан Наумовски

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Младите Македонци и Црногорци најдоцна се осамостојуваат од своите родители

Горан Наумовски

Со нож нападнал невропсихијатар во Црна Гора затоа што не му издал дозвола за оружје

Силно невреме ја погоди Црна Гора: Поплавен е дел од Јадранската магистрала