Црногорскиот Парламент денеска ја избира новата Влада, која ќе ја предложи мандатарот и заменик претседател на владејачката Демократска партија на социјалистуте (ДПС), Душко Марковиќ.
Во новата Влада, покрај ДПС, ќе учествуваат и претставници на Бошњачката партија, партијата Социјалдемократи, коалицијата на албанските партии и Хрватската граѓанска иницијатива, јави Танјуг.
Опозицијата не присуствува на седницата. Тие најавија дека на седниците на Парламентот нема да присуствуваат се додека не добијат судски епилог за настаните од изборниот ден на 16 октомври.
За потретседатели на новата Влада се предложени Милутин Симовиќ (ДПС), кој ќе го води и ресорот земјоделие, Зоран Пажин (ДПС), кој повторно ќе биде и министер за правда, како и Рафет Хусовиќ (БС) и Марија Вучиновиќ (ХГИ).
За министер за одржлив развој и туризам е кандидиран Павле Радуловиќ, а за спорт и за култура, Никола Јановиќ и Јанко Љумовиќ. За ресорот внатрешни работи е предложен Мевлудин Нухоџиќ, за јавната управа Сузана Прибиловиќ, за надворешни работи Срѓа Дармановиќ, а за европски интеграции Александар Андрија Пејовиќ, пренесуваат медиумите во Подгорица.
Министерството за образование треба да го води Дамир Шеховиќ, финансиите Дарко Радуновиќ, ресорот наука Сања Дамјановиќ, додека за министер за одбрана е предложен Предраг Бошковиќ.
Главниот одбор на ДПС на претпладнево едногласно го поддржа предлогот на Марковиќ за составот на новата влада.
Главниот одбор на ДПС, како што соопштија партијата, денеска даде согласност и за Спогодбата за заедничко политичко делување и формирање парламентарно мнозинство и учество во Владата на Црна Гора за мандатот 2016-2020 година.