Босанската Државна агенција за истраги и заштита (СИПА) покренаа истрага против високи функционери во Министерството за одбрана и во Вооружените сили на Босна и Херцеговина, кои се осомничени дека примале поткуп при вработување на војници и доделување на чинови.
Весникот „Дневни аваз“ пишува дека чиновите во војската „чинеле“ од 5.000 до 15.000 конвертибилни марки (од 2.500 до 7.500 евра). Вооружените сили на БиХ имаат 4.940 офицери и подофицери, кои командуваат со 4.151 војници.
Повикувајќи се на извори блиски на истрагата, весникот нагласува дека одредени бригадни генерали со војниците склучувале договори на нотар во вредност од 15.000 конвертибилни марки, за да им доделат чинови.
Со истрагата се опфатени и високи функционери од Министерството за одбрана, за кои постои сомнеж дека земале од 5.000 до 8.000 конверитбилни марки (од 2.500 до 4.000 евра) од војници од Јајце, Доњи Вакуф, Бугојно, Сараево, Зениџа, Бања Лука и Мостар, кои преку ноќ добивале статус на офицери и подофицери.
На овој начин, додава весникот, повеќе од 60 војници добиле офицерски и подофицерски чинови, иако немале соодветни предуслови и стручна спрема, ниту оак имале доволен број бодови при оценувањето.
Истрагата на СИПА е покрената по налог на Обвинителството и Судот во БиХ, а со неа се опфатени десетина лица.
Извори во Министерството за одбрана потврдуваат дека е покрената истрага, но велат дека тоа е сторено на барањето на министерот за одбрана на БиХ Зекирија Осмиќ, кој во соработка со Инспекторатот, пријавил одделни службеници и функционери на надлежните органи.