Новоизбраниот претседател на босанската Муслиманско-хрватска федерација, Маринко Чавара, смета дека актуелното државно уредување на Босна и Херцеговина е неодржливо и дека земјата треба да се раздели на четири територијално-административни единици, пренесе Танјуг.
– Многумина кои не сакаат ново решение, всушност ја посакуваат оваа поделба. Но, вистината е дека тоа ќе доведе до зацврстување на државата и обезбедување на еднакви права за сите граѓани, државотворни народи и национални малцинства, објасни Чавара во интервју за босанското издание на весникот „Вечерњи лист“.
По војната во текот 90-те години БиХ беше разделена на две административни единици – Муслиманско-хрватската федерација и Република Српска, обединети околу заедничко претседателство, дводомен Парламент, централна Влада, суд и Централна банка. Секоја од административните единици има свој претседател, премиер и Влада. Муслиманско-хрватската федерација од своја страна е разделена на 10 кантони, секој со своја Влада и Парламент.
Тромавиот политички систем во земјата дополнително е обременет од правото на вето за секоја од трите главни етнички групи – Срби, Хрвати и муслимани, од кои ниту една не сака да ги отстапи своите права во интерес на поефикасното државно уредување.