Босанските Срби се заканија денеска дека ќе ги блокираат аспирациите за членство на Босна во ЕУ додека министерот за надворешни работи не поднесе оставка заради спор поврзан со уставни процедури.
Босанските Срби тврдат дека министерот за надворешни работи Златко Лагумџија дал наредба на претставниците на Босна во ОН да поддржат резолуција за Сирија без пред тоа да добие согласност од босанското тричлено претседателство.
– Ако тој сам не поднесе оставка ние треба да почнеме со процедура за отстранување од функцијата, изјави претседателот на Република Српска (во Босна и Херцеговина) Милорад Додик.
Тој истакна дека Лагумџија ја злоупотребил функцијата дејствувајќи по свое убедување без согласност од претседателството. Додик појасни дека ако процедурата за отстранување од функција на Лагумџија не биде одобрена од централната власт, босанските српски претставници ќе ја блокираат работата на Владата во чекорите неопходни за членство во ЕУ. Босанското тричлено претседателство одговорно е за надворешната политика во државата и неговите членови – Србин, Хрват и Бошњак треба да постигнат согласност за клучни прашања.