Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска повтори дека насилството на северот на Косово не е начин и ги повика сите да дадат се од себе за да се избегне понатамошна ескалација.
Борел, кој денеска учествува на Самитот на европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија, изјави дека вчера во Братислава се сретнал со премиерот на Косово, Албин Курти и дека денеска очекува да разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Мораме да инсистираме дека насилството не е вистинскиот пат, насилството мора да се осуди, а сторителите на насилството да се изведат пред лицето на правдата. Мора да избегнеме секаков вид на ескалација и некоординирани потези. Ќе продолжиме да работиме на тоа“, рече Борел пред самитот на европските лидери во главниот град на Молдавија.
Тој рече дека целта на самитот е стабилизација на континентот, имајќи предвид дека, како што наведе, „на Балканот има многу проблеми“, како и безбедноста на Европа.
„Стабилност, поврзаност и безбедност се трите клучни зборови на оваа средба на која треба да се работи на воспоставување рамка за заедничка надворешна политика“, рече Борел.