Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска потврди дека Унијата ќе продолжи да го поддржува одржувањето на мирот и стабилноста во БиХ, нагласувајќи дека тоа стана особено важно по руската агресија врз Украина.
Борел пристигна во Сараево на крајот од неговата регионална мини турнеја, а во воената база на ЕУ во близина на главниот град на БиХ, учествуваше на церемонијата по повод завршувањето на процесот на зајакнување на воениот контингент на ЕУФОР.
– Понекогаш е неопходно да се покаже сила за да се обезбеди мир, истакна Борел во говорот што го одржа по тој повод.
Силите на ЕУФОР во БиХ се зајаканати со дополнителни 500 војници, така што сега има вкупно 1.100, со задача внимателно да ја следат ситуацијата на теренот и веднаш да реагираат во случај на безбедносни закани.
Во изјавата за новинарите, Борел истакна дека засилувањето е мерка на претпазливост, иако во моментов нема директна закана за безбедноста и мирот во БиХ. Тој објасни дека Унијата сака да се осигура дека може да реагира во случај на каква било кризна ситуација.
– Сакам да испратам јасна порака до оние кои мислат да се обидат да ја дестабилизираат Европа и Западен Балкан: Операцијата „Алтеа“ е тука за да го спречи тоа, нагласи Борел. Тој додаде дека ЕУ сигурно ќе ја задржи таа мисија онолку долго колку што е потребно со јасен извршен мандат за зачувување на мирот.
Шефот на европската дипломатија ги повика сите во БиХ да работат заедно наместо да создаваат нови конфликти и да ја блокираат работата на властите, бидејќи тоа е предуслов за спроведување на реформите што би можеле да ѝ дадат на земјата кандидатски статус во ЕУ, вклучително и промени во изборниот закон.
БиХ поднесе барање за кандидатски статус во 2016 година, а во мај 2019 година Европската комисија дефинираше 14 приоритетни реформи кои треба да се спроведат за да се одобри, но владејачките партии оттогаш не направија многу за да ја постигнат оваа цел.
Извор: МИА