Босна и Херцеговина ќе започне постапка за измена на договорот за граничните премини со Хрватска, со цел да се решат проблемите со кои се соочуваат граѓаните кои живеат во пограничните места, соопшти денеска Претседателството на БиХ.
– Причината за донесување ваков заклучок е тешкиот секојдневен проток на луѓе и стока меѓу двете земји, со што најмногу се погодени босанските државјани кои живеат во т.н. пограничен појас со Хрватска, наведува Претседателството.
Иницијативата на тричлениот босанко-херцеговски државен врв е доставена до Советот на министри на БиХ, во чија надлежност е натамошното спроведување на овој заклучок.
Од 1 јули, кога Хрватска стана членка на ЕУ, намален е вкупниот број на гранични премини со БиХ преку кои е можен промет на стока и патници. Некои од претходните меѓународни премини прекатегоризирани се во малогранични, а некои се целосно затворени.