БиХ: Годишно 5.000 жители помалку

Од:

Бука – Сараево

Белата чума одамна ја зафати Босна и Херцеговина. Веќе 13 години бројот на починатите е многу поголем во однос на бројот на родените, годишно и до 5.000, што е значајна бројка, која одговара на еден помал град, предупредува професорот по статистика и демографија Хасан Золиќ.

Само во првите четири месеци од оваа година во БиХ починале 7.313 лица, а родени се 5.625 деца. Загрижува и податокот дека во БиХ живеат само 100.000 деца меѓу три и шест години, додека податоците од училиштата покажуваат дека бројот на запишаните ученици во основно училиште е за 16 отсто помал од бројот пред шест години.

Се поголемиот морталитет и се помалиот наталитет се последица од стареењето на населението. На наталитетот влијае и кризата, бидејќи сите тие кои се стремат кон одговорно родителство и планирање на деца знаат дека во услови на тешка немаштија не можат да си дозволат уште едно дете, ако сакаат да му обезбедат нормален живот, смета Золиќ.

БиХ влезе во демографски крах. За жал, БиХ не презема ништо за да се подобри репродуктивниот циклус, жените стапуваат во брак во 27 година, а мажите во 30 година – потенцира Золиќ.

Загрижувачки го смета тоа што БиХ за сега не покажува никаков интерес за спречување на тие негативни процеси, што не го дозволува ниту една развиена и демократска земја.

Белата чума зема толкав замав што е потребно итно да се преземат некои чекори. Мора повеќе да се работи на примена на популациска политика, т.е. треба навистина да се даде одредено место на детето, како и на жените да се даде одреден статус.

Република Српска има одредени прописи, но поради економската состојба тоа не се реализира, така што соодветни стимулации не се даваат.

Во Ф БиХ ова прашање е уредено на ниво на кантоните. Имате кантони кои во своите буџети не наоѓаат место за мајките и децата, вели Золиќ.

Додавајќи дека БиХ станува земја на старци, професорот порачува дека државата мора да сфати дека тоа е проблематика од стратешко ниво и дека е потребно да се донесе програма за демографска ревитализација, бидејќи во спротивно ќе се доведе во прашање функционирањето на некои клучни системи (пензискиот, образовниот, систем за работната сила…).

Треба да се преземат одредени мерки, пред се треба да се промени семејното право, жената да има одредена сигурност кога ќе сака да има деца. Исто така, мора да и се обезбеди да не го губи работното место, бидејќи кај нас тоа работничко право се уште не е регулирано.

Треба и на родилките да им се даде паричен надомест. Жените во Зеница одат пред зградата на владата да им се даде детски додаток, што е жално, вели Золиќ.

Освен статистичките податоци, она што загрижува е и студијата изработена за потребите за Црвениот крст на БиХ, а според која во БиХ ќе има најмногу жители на постара возраст на Балканот.

Бројот на постарите лица, како што е наведено во таа статистика, ќе биде двојно поголем од денес, а градовите можат да изгледаат како денешните повратнички села во кои нема училишта, бидејќи нема деца кои би оделе во нив.

Според демографските проценки, до 2050 година населението на БиХ ќе се намали за 20 отсто, односно во БиХ ќе живеат 740.000 жители помалку.

Се помалку бракови и се повеќе разводи

Според проценките на Агенцијата за статистика стапката на бројот на разводи во БиХ надмина веќе 10 отсто. Само во оваа година во првите три месеци се развеле 105 лица, а во минатата 1.321. Во истиот период се венчале 712 во оваа, а во минатата година 11.982 граѓани.

Општинските судови се претрупани со предмети, посебно со бракоразводни парници. Во општинскиот суд во Сараево знае да се случи во еден ден да има и до 70 разводи, а најмногу разводи се на возраст од 30 до 49 години.

Податоците на Агенцијата за статистика во БиХ покажуваат дека бројот на склучените бракови од 2008 до 2012 година, драстично се намалил. Најмногу бракови се склучени токму во 2008 година, ако го гледаме периодот од 2001 до 2012 година, близу 25.000, додека тој број во 2012 година паднал на околу 18.000. Кога се во прашање разводите, состојбата е обратна.

Најмалку разводи имало токму во 2008 година, додека бројот на разводите во 2011 и 2012 година биле околу 2.000, во 2013 година тој број се зголемил на 2.609 разведени бракови.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски

Малолетник со нож упаднал во полициска станица во Босанска Крупа: Убил еден полицаец, а друг тешко ранил

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски